Основнот училиште „Моша Пијаде“ (сегашно „Никола Карев“) летописот на својата историја започнува да го пишува од 1957 година, кога на предлогот на тогашниот Општински одбор на Општина Кочани на посебни седници на Народниот одбор и собирот на производителите донел решение на 27.9.1957 година за основање второ основно училиште во градот, осмолетка„ Моша Пијаде“, со основна дејност воспитание и образование на ученици од 7 до 15 години.
Обврска училиштето добило да формира и паралелки за предучилишно и основно образование и воспитание во градот. Пред формирањето, кон ова училиште биле приклучени и две Подрачни училишта од селата Грдовци и Бели.
Според хронологијата на настаните и случувањата во училиштето за прв директор бил поставен Ристо Јорданов Данилов од Кочани, афирмиран просветен работник кој ги извршил и сите подготовки за успешно и навремено започнување на наставата.
По препорака на Извршниот совет на Општина Кочани, тогашниот ОСИЗ за основно образование и воспитание од овој град донесе одлука за формирање на ново посебно училиште од постојаното „Моша Пијаде“ на две училишта. Одлуката беше прифатена и реализирана.
Во учебната 1972/73 година по поделбата наставата во училиштето „Моша Пијаде“ ја следат 1271 ученик од прво до осмо одделение и 130 деца во забавишните групи со вкупен број на вработени 56-мина. Со текот на времето кон ова училиште се припоени и училиштата од селата Полаки, Небојани и Главовица.
Подоцна училиштето во учебната 1993/94 година го доби името на револуционерот од илинденскиот период Никола Карев, кој во нерамна борба со турскиот аскер херојски загина со својата чета кај месноста Свиланово близу селото Рајчани –Кочанско.